Претставници на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) учествуваа на регионалната работилница „Финансиски советодавни услуги и нови технологии за поддршка на растот и вработувањето во малите и средните претпријатија во Западен Балкан“, која на 15 и 16 јуни се одржа во Виена, Австрија, во организација на Светска банка и Центарот за реформи во финансиското известување и одржливост (CFRR).
Работилницата ги обедини претставниците на професионалните сметководствени организации и стопанските комори од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и претставници на ИСОС и на Стопанската комора на Северна Македонија, со цел размена на искуства и разгледување на можностите за унапредување на поддршката за малите и средните претпријатија преку современи финансиски советодавни услуги и примена на нови технологии.
Во фокусот на дискусиите беа влијанието на вештачката интелигенција врз сметководствената професија, дигиталната трансформација на сметководствените практики, новите трендови во финансиското управување, како и улогата на професионалните сметководствени организации во поддршката на развојот и конкурентноста на малите и средните претпријатија.
Во таа насока, беше потврдено дека сметководителите се клучен фактор во успешното работење и развојот на малите и средните претпријатија – како стручни и доверливи партнери кои, покрај обезбедувањето усогласеност со регулативата и квалитетни финансиски информации, активно придонесуваат за подобро управување, полесен пристап до финансии и посилен и поодржлив раст на бизнисите.
Особено внимание беше посветено на можностите за продлабочување на соработката меѓу професионалните сметководствени организации и стопанските комори во регионот, со цел обезбедување поквалитетна поддршка за бизнис заедницата и подобрување на деловното опкружување.
Учеството на членовите на ИСОС на вакви регионални настани претставува значајна можност за следење на глобалните и европските трендови во професијата, размена на добри практики и јакнење на капацитетите за поддршка на членовите и на македонските компании во услови на забрзана технолошка трансформација.