

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) официјално стана членка
на CFE Tax Advisers Europe – најпрестижната европска организација која ги обединува
националните здруженија на даночни советници и сметководствени професионалци. Со ова,
ИСОС е единствената професионална организација на сметководителите од регионот на
Западен Балкан која е дел од оваа европска мрежа.
„Зачленувањето на ИСОС во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и
кредибилитетот на сметководствената и даночната професија од нашата земја во Европа. Ова
ќе им овозможи на нашите членови пристап до најновите знаења, европски практики и
можности за професионален развој. Веруваме дека ова партнерство ќе ја унапреди работата на
македонските сметководители и ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во
меѓународни рамки. Истовремено, ова е уште една активност која треба да придонесе за
зголемување на атрактивноста на нашата професија кај младите од нашата земја, што е една од
основните цели на Институтот“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Поздравувајќи го зачленувањето на ИСОС, директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар
Ивановски, истакна: „Уверени сме дека ова членство ќе придонесе за подобрување на
регионалната и европската соработка во областа на даноците и сметководството. На членовите
на ИСОС им се отвораат можности да учествуваат во специјализирани програми за обука, конференции и професионални мрежи, но и да влијаат врз креирањето на европската
регулатива и стандарди кои директно ја засегаат нивната работа и работата на нивните клиенти
и бизнис секторот во целина“.
CFE Tax Advisers Europe (Confédération Fiscale Européenne) е основана во 1959 година и има
седиште во Брисел, Белгија. Таа е чадор-организација која ги претставува интересите на
даночните советници и сметководствени професионалци пред институциите на ЕУ и
меѓународните организации. CFE промовира високи професионални стандарди и етика,
подготвува експертски анализи и мислења за даночните регулативи и овозможува размена на
знаења и искуства меѓу своите членки. Организацијата редовно организира стручни
конференции, работилници и образовни програми за развој на професијата.
Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) е независна, неполитичка,
непрофитна професионална организација која обединува над 6.000 активни сметководители и
овластени сметководители во РС Македонија. Основан е согласно Законот за вршење на
сметководствени работи и има јавни овластувања за издавање уверенија и лиценци, водење
регистри, контрола на професионалната работа, превод на меѓународните сметководствени
стандарди, како и следење на Кодексот на етика за професионални сметководители.
Скопје, 26 септември 2025