Почитувани колеги,
Со влегувањето во Новата 2026 та година, Ви се обраќам со силно чувство на одговорност, оптимизам и доверба во нашата професија.
Годината што ја оставивме зад нас уште еднаш потврди што навистина нè дефинира како сметководители: доверба, интегритет, стручност и посветеност кон квалитетот. Овие вредности не се само професионални принципи — тие се темелот врз кој се гради јавната доверба, институционалната стабилност, одржливиот економски развој и професионалност.
Годината што следи носи значајни промени, предизвици и очекувања. Дигиталната трансформација, сè поголемата улога на технологијата и вештачката интелигенција, како и зголемениот фокус на квалитетот и етиката, ажурирањето на меѓународните стандарди, регулаторни измени, ќе продолжат да ја обликуваат нашата работа. Овие процеси бараат не само техничко знаење, туку и лидерство, професионална проценка и одговорност.
Како претседател, потврдувам дека Институтот останува цврсто насочен кон своите стратешки приоритети односно зајакнување на системите за обезбедување квалитет, унапредување на континуираната професионална едукација, поддршка на етичкото однесување и проактивно застапување на интересите на членовите пред регулаторите и меѓународните партнери.
Нашата стратегија е јасна — подигнување на стандардите и професионализмот, заштита на јавниот интерес и подготвеност на секој член за идните предизвици.
Во текот на наредната година ќе продолжиме да инвестираме во структуирани обуки, модернизирани рамки, дигитални компетенции и меѓународна соработка. Истовремено, ќе негуваме отворен дијалог со членовите, бидејќи силата на Институтот произлегува од вашата вклученост, професионалност и доверба.
Искрено ви благодарам за Вашиот придонес кон професијата и за одговорноста што секојдневно ја носите во Вашата работа. Заедно ќе продолжиме да ја зајакнуваме улогата и угледот на сметководителите како доверливи професионалци и чувари на финансискиот интегритет.
Ви посакувам Вам и на Вашите семејства здравје, стабилност, професионално исполнување и успех во годината што претстои.
Среќна Нова година!

Со почит, Скопје, 29 декември 2025
Весна Прентоска
Претседател