Претседателката на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), Весна Прентоска, учествуваше на меѓународната конференција организирана по повод 25 години од основањето на Здружението на овластени сметководители и ревизори на Косово (SCAAK), која се одржа во Приштина под мотото „Од темели до трансформација“. Конференцијата беше посветена на развојот на професијата и нејзината трансформација во услови на забрзана дигитализација, технолошки промени и нови барања на пазарот на трудот.
Во рамки на конференцијата, Прентоска учествуваше на панел-дискусијата „Иднината на сметководствената професија: технологија, таленти и трансформација“, заедно со претставници на професионалните организации од регионот, академската заедница и бизнис секторот. Темите на дискусијата беа насочени кон влијанието на вештачката интелигенција и новите технологии врз професијата, привлекувањето и развојот на нови таленти, како и трансформацијата на професионалните организации и институциите во услови на дигитална економија.
На конференцијата беше истакнато дека сметководствената професија се наоѓа во период на значајни промени, при што технологијата и автоматизацијата ги менуваат традиционалните улоги, но истовремено отвораат нови можности за стратешко советување, анализа и носење одлуки. Посебен акцент беше ставен на потребата од континуирано професионално усовршување, развој на дигитални вештини и создавање услови за поголема привлечност на професијата кај младите генерации.
Учеството на ИСОС на оваа конференција претставува уште една потврда за посветеноста на Институтот кон регионалната и меѓународната соработка, размената на искуства и заедничкото унапредување на сметководствената професија.
Конференцијата по повод 25-годишнината на SCAAK претставуваше значајна можност за размена на искуства и добри практики меѓу професионалните организации од регионот, како и за продлабочување на соработката во насока на понатамошен развој на сметководствената професија.
Скопје, јуни 2026
Со почит,
ИСОС