Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) одржаа гостинско предавање во средното училиште „Васил Антевски – Дрен“, во рамки на меморандумот за соработка со училиштето, насочено кон запознавање на учениците со сметководствената професија и можностите што таа ги нуди.
Предавањето го одржа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и Ивица Петковски, член на собранието на институтот, кои на учениците им ја доближија професијата преку практични примери и реални аспекти од секојдневната работа.
Предавањето беше реализирано како дел од активностите на ИСОС за подигнување на интересот кај младите за оваа професија, при што учениците имаа можност одблиску да се запознаат со тоа што значи да се биде сметководител денес, не само како професија поврзана со бројки, туку како клучна улога во функционирањето на секоја компанија и институција.
Во текот на предавањето беше ставен акцент на промените што ги носи современото работење односно дигитализацијата, анализата на податоци и потребата од нови вештини, кои ја прават професијата динамична, актуелна и сè поатрактивна за младите.
Учениците покажаа интерес за темата и активно се вклучија во дискусијата, поставувајќи прашања поврзани со образованието, кариерниот развој и практичните аспекти на професијата.
Оваа активност е дел од пошироката иницијатива на ИСОС за вклучување на средните училишта и приближување на сметководството до учениците.
ИСОС и во наредниот период ќе продолжи со активности насочени кон младите, со цел да ја зголеми атрактивноста на професијата и да придонесе кон создавање на нови генерации професионалци.
Скопје, 17 април 2026