Институтот на сметководители и овластени сметководители на РС Македонија (ИСОС) и Институтот на сметководители и ревизори на Косово (SCAAK) потпишаа Меморандум за соработка со кој се поставуваат основите за долгорочно професионално и институционално партнерство меѓу двете организации.
Меморандумот претставува значаен чекор во продлабочувањето на регионалната соработка и предвидува размена на професионални знаења, експертиза и добри практики, зајакнување на професионалната едукација и континуираното професионално усовршување, како и унапредување на институционалните капацитети на двата института.
Преку ова партнерство ќе се создадат нови можности за членовите на ИСОС да учествуваат на заеднички конференции, обуки, семинари, работилници, студиски посети и други активности за професионален развој. Соработката ќе овозможи и размена на експерти, предавачи и технички специјалисти, пристап до едукативни и дигитални ресурси, како и учество во заеднички истражувања, регионални и меѓународни проекти и професионални мрежи.

„Со потпишувањето на овој Меморандум ја формализираме досегашната успешна комуникација со нашите колеги од Косово, во конкретна и долгорочна соработка. За членовите на ИСОС тоа значи повеќе можности за пристап до нови знаења, регионални искуства, професионални обуки и поврзување со колеги и експерти од регионот. Уверени сме дека размената на добри практики и заедничките активности ќе придонесат за натамошен развој на професијата и за посилно позиционирање на македонските сметководители во регионалната и меѓународната професионална заедница“, истакна претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Особен акцент во соработката помеѓу ИСОС и SCAAK во наредниот период ќе биде ставен на професионалната сертификација, обезбедувањето квалитет и на примената на меѓународните стандарди, добрите професионални практики и етичкиот Кодекс на Меѓународната федерација на сметководители – IFAC.
Институтот на сметководители и ревизори на Косово повеќе од 25 години активно придонесува за развојот на професијата и е член на IFAC, што го прави еден од релевантните професионални институти во регионот.
Потпишувањето на овој Меморандумот е продолжение на активностите на ИСОС за проширување на регионалната и меѓународната соработка. Во услови на забрзана дигитализација, сè поголема примена на вештачката интелигенција и постојани промени во професионалните и регулаторните стандарди, регионалното поврзување станува особено важно за развојот на компетенциите и за одржувањето на квалитетот, интегритетот и довербата во сметководствената професија. Во таа насока, Институтот три години по ред организира регионални конференции на сметководители и овластени сметководители, преку кои се овозможува размена на знаења и искуства за најактуелните прашања и предизвици во професијата.