Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Средното училиште на Град Скопје „Цветан Димов“ потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за практична обука, стекнување професионални вештини и кариерен развој на учениците во областа на сметководството.
Меморандумот, потпишан од претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, и директорот на СУГС „Цветан Димов“, Гани Аслани, предвидува воспоставување директна врска помеѓу образованието и сметководствената професија, со цел учениците да добијат можност стекнатите теоретски знаења да ги применат во реална работна средина.
Во рамките на соработката, ИСОС ќе има посредничка улога во поврзувањето на училиштето со своите членови, со што ќе се создадат услови за организирање практична работа и стажирање, кариерно советување и вклучување на учениците во активности кои ќе придонесат за нивниот професионален развој.
Соработката предвидува и реализација на заеднички проекти и иницијативи за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, како и вклучување на експерти од сметководствената професија во пренесување практични знаења и вештини релевантни за пазарот на трудот. Посебно внимание ќе биде посветено на промовирање на професионализмот, етиката и општествената одговорност.
Потпишувањето на овој меморандум е дел од пошироката иницијатива на ИСОС за воспоставување соработка со средните стручни училишта, со цел приближување на сметководствената професија до младите, создавање можности за практично образование и поттикнување на интересот за професионална кариера во сметководството.
Преку поврзување на образованието со практиката, ИСОС продолжува посветено да придонесува за развој на нови генерации квалификувани сметководствени кадри и за градење современа и перспективна професија.
Со почит,
Скопје, октомври 2026
ИСОС