ИСОС со активно учество на значајни стручни конференции во земјата

Претставници на Институтот на сметководители и овластени сметководители учествуваа на повеќе значајни стручни конференции во земјата, посветени на актуелните промени во сметководството, контролингот, ревизијата, финансиските пазари и примената на новите технологии.

Учеството на овие настани е дел од континуираниот ангажман на ИСОС во следењето на современите професионални трендови, размената на знаења и искуства и вклучувањето во дискусиите за прашањата што се значајни за развојот на сметководствената и пошироката финансиска професија.

Дигитализацијата и новата улога на сметководителите – 7. Германско-македонска конференција за контролинг

Претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, учествуваше на 7. Германско-македонска конференција за контролинг, организирана од Хајделберг факултетот во Скопје, посветена на актуелните предизвици во контролингот, вештачката интелигенција, дигитализацијата и развојот на нови компетенции.

Во своето обраќање, Прентоска истакна дека сметководството е основата врз која се градат контролингот, финансиското управување, ревизијата и квалитетното деловно одлучување, а развојот на технологијата треба да создаде услови сметководителите сè повеќе да ја преземаат улогата на аналитичари, советници и партнери на менаџментот.

Во тој контекст беше посочен и актуелниот процес на воведување на е-фактурата. ИСОС ја поддржува дигитализацијата и современите решенија кои придонесуваат за поголема ефикасност, транспарентност и квалитет на податоците, но смета дека при нивното воведување обврските треба јасно да се распределат меѓу сите функции во компаниите, наместо секоја нова административна обврска по автоматизам да се пренесува на сметководителите.

Претседателката на ИСОС беше и дел од панел-дискусијата „Сметководство, контролинг и технологија во 2027“, на која се разговараше за трансформацијата на професијата, новите компетенции и одговорното користење на вештачката интелигенција.

Вештачката интелигенција, етиката и новите ризици – Годишна меѓународна конференција за ревизија

Членот на Управниот одбор на ИСОС, Атанас Карајковски, учествуваше на Годишната меѓународна конференција за ревизија 2026 во Охрид, во организација на Здружението на внатрешни ревизори.
Конференцијата обедини домашни и меѓународни професионалци од областа на внатрешната и надворешната ревизија, управувањето со ризици, усогласеноста, сметководството и корпоративното управување.
Под мотото „Ехото на одлуките“, во фокусот на програмата беа вештачката интелигенција, новите ризици, деловната етика и интегритетот, усогласеноста и развојот на професионалните компетенции, како и современите пристапи во ревизијата и управувањето со ризици.

Финансиските пазари, новите извори на финансирање и технологијата – 25. Годишна конференција на Македонската берза

Претставници на ИСОС, учествуваа и на јубилејната 25. Годишна конференција на Македонската берза во Охрид, која ги обедини претставниците на финансискиот и деловниот сектор, регулаторните и државните институции, инвеститорите, академската заедница и меѓународни експерти. Во фокусот на конференцијата беа актуелните прашања поврзани со развојот на пазарот на капитал, финансирањето на корпоративниот раст и новите трендови во финансискиот сектор. Меѓу темите беа регионалните трендови на пазарите на капитал, пристапот на компаниите до пазарно и алтернативно финансирање, дигиталните средства и токенизацијата, како и можностите и предизвиците од примената на вештачката интелигенција во финансискиот сектор.

Со учеството на вакви стручни настани, ИСОС продолжува да ја зајакнува соработката со институциите и сродните професионални организации, да ги следи промените во финансискиот сектор и да придонесува кон размената на знаења и искуства важни за понатамошниот развој на професијата.

Со почит,
Скопје, октомври 2026
ИСОС

Previous ПРОГРАМА ЗА ДВОДНЕВНО КОНТИНУИРАНО ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ ОКТОМВРИ БР. 3/2026 – 16 ЧАСА

Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација, во која членуваат сметководители и овластените сметководители, без оглед на нивната национална, верска, расна и друга припадност.

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030

ИСОС © 2026. Сите права задржани.