Делегацијата на CFE Tax Advisers Europe, предводена од потпретседателот Иван Симиќ, го посети Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) по повод официјалното зачленување на Институтот во оваа престижна европска организација.
Претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, истакна дека зачленувањето во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и кредибилитетот на сметководствената и даночната професија од нашата земја во Европа.
„Веруваме дека ова партнерство ќе ја унапреди работата на македонските сметководители и ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во меѓународни рамки. Истовремено, ова е уште една активност која треба да придонесе за зголемување на атрактивноста на нашата професија кај младите од нашата земја, што е една од клучните цели на Институтот“, изјави претседателката на ИСОС.
Придобивките од членството во CFE ги истакна и потпретседателот на организацијата, Иван Симиќ, кој нагласи: „Ни претставува задоволство што денеска сме во посета на ИСОС, како прва членка од земјите на Западен Балкан. Нашето партнерство ќе им овозможи на македонските сметководители пристап до квалитетна едукација преку специјализирани програми, како и информации за најновите даночни трендови во Европа. Исто така, преку Институтот ќе можат да придонесуваат во процесот на креирање на европската даночна регулатива, што претставува значаен чекор за унапредување на сметководствената професија во земјата“
Директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар Ивановски потенцираше дека вклучувањето на македонските експерти во работните групи и комитети на CFE овозможува навремено усогласување на националните прописи со правото на ЕУ, но и активно учество во европските дебати за теми како што се спречување на избегнување на даноци (ATAD), дигитализација на даночните системи, глобален минимален данок на ОЕЦД/ЕУ директива и даночна транспарентност (DAC директиви).
„На овој начин, државата добива директен пристап до европската регулаторна динамика уште пред формалното членство, а домашните институции и експерти ќе можат да ги изградат своите капацитети за учество во идните ЕУ преговори и примена на acquis communautaire во даночната област. Вклучување на експертите во процесот на пристапување и преговори од страна на Владата, Министерстото за финансии и УЈП е клучно за успешно зачленување во ЕУ“, рече Ивановски.
CFE Tax Advisers Europe е основана во 1959 година, со седиште во Брисел. Таа е чадор-организација која ги претставува интересите на даночните советници и сметководствените професионалци пред институциите на ЕУ и меѓународните организации. CFE промовира високи професионални стандарди и етика, подготвува експертски анализи и мислења за даночните регулативи и овозможува размена на знаења и искуства меѓу своите членки.
Скопје, 27 октомври 2025
Со почит,
ИСОС